На 22.12.2018 година, во амфитеатарот на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје, се одржа 7-та седница на Собрание на Здружението на професори по географија на Македонија „ПРОФ. Д-Р ЉУБЕ МИЛЕНКОВСКИ“ – СКОПЈЕ.
Седницата ја отвори и ја водеше претседателот на Здружението, м-р Јулијана Петровска, која во воведното излагање истакна дека пред сѐ, оваа седница има поинакво значење од сите останати, бидејќи има симболичен, емотвен, свечен и работен карактер.
Покрај изборот на претседател, новите органи и тела на Здружението, Седницата беше посветена на 25 - годишнината од смртта на нашиот патрон, проф. д-р Љубе Миленковски.
За животот и делото на проф. д-р Љубе Миленковски, говореше г-дин Атанас Конески, негов близок пријател и соработник, додека дел од присутните споделија сеќавања и спомени, како неговите поранешни студенти. Во име на семејството и за тоа каков родител беше нашиот патрон, на присутните им се обрати проф. д-р Аце Миленковски чии зборови предизвикаа бура на емоции кај сите присутни членови на големо семејство ЗПГМ „ПРОФ. Д-Р ЉУБЕ МИЛЕНКОВСКИ“ – СКОПЈЕ.
На седницата беа доделени Златни Плакети „ПРОФ. Д-Р ЉУБЕ МИЛЕНКОВСКИ“, за придонес во развојот на географијата и афирмација на здружението, на Селим Мерсимовски, професор по географија во с. Броштица, Центар Жупа и Ивица Гиевски, советник по географија во БРО на Република Македонија.
На седницата едногласно беа избрани новите органи, а со акламација и новиот претседател на Здружението, проф. д-р Аце Миленковски, ректор на УТМС.
За членовите на Здружението, по завршување на седницата и свечениот коктел, беше реализиран семинар на тема „Справување со конфликти во училиште“, од страна на деканот на факултетот за менаџмент на човечки ресурси, проф. д-р Александра Стоилковска, со што нашите членови се стекнаа со соодветни сертификати и го збогатија своето професионално портфолио.
Овој ден, посветен на нашиот патрон проф. д-р Љубе Миленковски, беше крунисан со новогодишна географската вечер во ресторанот Александрија каде и покрај напорниот ден, сите присутни се дружеа и забавуваа.
Денешниот ден уште еднаш покажа дека ЗПГМ „ПРОФ. Д-Р ЉУБЕ МИЛЕНКОВСКИ“ – СКОПЈЕ, претставува јадро на обединување и достоинство, а ние неговите членови со гордост го носиме неговото име.
https://geograf.mk/novosti/1064-25#sigProId371c559aeb