На 22.09.2018 година, ЗПГМ „ПРОФ. Д-Р ЉУБЕ МИЛЕНКОВСКИ“ – Скопје, согласно програмата за работа и воспоствената пракса за реализирање на состаноци надвор од просториите на здружението, раководството на ЗПГМ „ПРОФ. Д-Р ЉУБЕ МИЛЕНКОВСКИ“ – Скопје, оствари средба со своите членови од Општините: Центар Жупа , Маврово-Ростуше и Дебар.

Во рамки на оваа активност, покрај попатните посети и едукативни предавања, учесниците имаа можност изворно да го видат и доживеат амбиентот на планината Стогово со сите свои откриени и неоткриени тајни и убавини.
Патувањето започна со доживување на духовниот мир на манастирскиот комплекс Св. Јован Бигорски, минување покрај бањата Косоврасти и покачување на адреналинот на секој учесник при влегувањето во рударско окно со најчистиот гипс на светот, или популарната Кристална пештера.
На одличната презентација на г-дин Рефик Имами, кој на мошне интересен начин ни раскажа за посебноста и единственоста на ова место, се надоврза следната посета и презентација на производната технологија на мултинационалната компанија КНАУФ во Дебар, од страна на г-дин Буран Мурати.
Повеќето од учесниците можеби за прв пат го почувствуваа рударскиот поздравот „Среќно“, во права смисла на зборот.
Централно место не случајно беше училиштето во село Броштица.
На покана на колегата Селим Мерсимовски и во негова организација, членовите на ЗПГМ кои учествуваа на ова патување, имаа можност да ја почувствуваат гостопримливоста на жителите на Центар Жупа, заборавен, ретко посетуван, но најживописен предел на планината Стогово. Релјеф во чии пазуви се отвора глетка кон Дебар и синилото на Дебарското Езеро, како царство за очите на која не може да се остане рамнодушен. Не можеше а да не се воочи (можеби за некого заборавен), еден посебен однос на колегата Селем со своите ученици и родители, кој покрај образовниот го има воспитниот и мотивирачки дух. Посебна енергија која овозможува исполнување на очекувањата на секој учесник во воспитно-образовниот процес и постигнување на посакуваните резултати во триаголникот: наставник-ученик-родител.
На самиот крај на еднo од најуспешните патувања и активности на ЗПГМ „ПРОФ. Д-Р ЉУБЕ МИЛЕНКОВСКИ“, беше посетено и селото Коџаџик, родното село на Али Риза, таткото на Мустафа Ќемал-Ататурк. Посетата на грандиозната спомен-куќа, во чест на Мустафа Ќемал-Ататурк и околниот пејзаж, ја збогатија колекцијата на фотографии и знаење на секој учесник поединечно.
Моменти и впечатоци кои не може да се опишат, може само да се почувствуваат и доживеат.
На крај, само може да се нагласи дека ова беше едно од најубавите и најуспешни патувања, за кое придонес дадоа сите учесници со својата посветеност, конструктивност и соработката, а впрочем само мал дел од карактеристиките кои ги красат географите.
Активностите беа подржани од УТМС Институтот за национална географија.