На 05.05.2018 година, во преполниот амфитеатар на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје, се одржа 6-тата седница на Собрание на Здружението на професори по географија на Македонија „ПРОФ. Д-Р ЉУБЕ МИЛЕНКОВСКИ“ – СКОПЈЕ.

Седницата ја отвори и ја водеше претседателот на Здружението, м-р Јулијана Петровска, која говореше за реализираните активности на Здружението во 2017 година како и проекциите во наредниот период.
Покрај обраќањето на претседателот на Здружението, свои излагања имаа и проректорот за настава на УТМС, проф. д-р Мијалче Ѓоргиевски, почесниот гостин, Н.Е. Данијела Баришиќ, амбасадор на Р. Хрватска во Р. Македонија. проф. д-р Симе Арсеновски, редовен професор на УТМС, советникот по географија во БРО на Р. Македонија, г-дин Ивица Гиевски, како и Дамјан Николовски, претседател на Здружение за дислексија „Ајнштајн“.
Во функција на градење колаборативни образовни мрежи, како специјален гостин на седницата беше најпопуларниот професор на Балканот, м-р Дејан Немчиќ од Р. Хрватска кој одржа апликативен час на тема: „Образованието во 21 век – како на часот по географија се споивме со луѓето од сите континенти”. Генијалниот професор по географија ги збогатува своите предавања со примена на технологијата и дигиталните алатки и вешто ги пренесува искуствата од целиот свет во предавалните.
Тој на крајот од своето излагање, го најави својот пат во вселената, а имајќи во предвид дека е почесен член тој е дел од нашето големо семејство, тоа значи дека и ЗПГМ „ПРОФ. Д-Р ЉУБЕ МИЛЕНКОВСКИ“ – СКОПЈЕ ќе биде дел од екипажот.
Седницата на Собранието беше само круна на дводневните активности на Здружението, бидејќи ден пред тоа, на 04.05.2018 година, во кабинетот по географија на колешката Бети С. Трајковска во СУГС „Орце Николов“ - Скопје, м-р Дејан Немчиќ започна со серијата предавања за ученици и професори. Во тој контекст, 05.05.2018 година, пред самиот почетокот на Собранието, во амфитеатарот на УТМС, повеќе од 180 ученици од осановните и средните училишта од Македонија, виртуелно патуваа низ улиците на Загреб.
Во меѓувреме, чекајќи го денот за лет во вселената, со помош на ЗПГМ „ПРОФ. Д-Р ЉУБЕ МИЛЕНКОВСКИ“ – СКОПЈЕ, колегата Немчиќ, го оствари својот сон и го посети гробот на неговиот идол Тоше Проески.
На маргините на седницата на учесниците на семинарот им беа доделени сертификати за учество.