Здружението на професори по географија на Македонија „ПРОФ. Д-Р ЉУБЕ МИЛЕНКОВСКИ“ – Скопје“, реализираше уште една од своите програмски активности како одраз на целосна транспарентност во своето делување. Имено, во текот на денешниот ден, согласно мисијата и визијата зацртани во Статутот и програмата за работа, 60 географи/члнови на здружението од повеќе градови на Република Македонија, беа во посета на градот Кочани со цел остварување на меѓусебна средба и запознавање на условите во кои живеат и работат колегите од овој регион.

Покрај работниот состанок, членовите на Здружението на професори по географија на Македонија „ПРОФ. Д-Р ЉУБЕ МИЛЕНКОВСКИ“ – Скопје“, реализираа еднодневен семинар на тема „Планирање и реализирање на часовите по географија со примена на ИКТ во наставата“.
Семинарот започна со излагање на г-дин Ивица Гиевски, советник по географија во БРО на Република Македонија, во кое тој, покрај насоки за ефикасна изработка на оперативно дневно планирање на наставата по географија со примена на ИКТ, се осврна и на проектните задачи во наставата, како начин на самоорганизароност, социјално учење и вклучување на повеќе сетила на учениците за совладување на наставното градиво.
По теоретското објаснување на советникот Гиевски, семинарот продолжи со реализација на практичен час со примена на ИКТ во наставата по географија, од страна на колегата Сашко Стефановски, наставник по географија во ОУ „Никола Карев“. Сите присутни на семинарот имаа можност да видат еден начин на примена на овој вид на настава по примерот на наставна единица: Реки и речни сливови во Република Македонија.
Покрај практична примена на ИКТ во наставата, колегата Стефановски даде дополнителни информации за апликацијата Целестија за најприфатливо, интересно и едноставно претставување на темата Сончев систем.
Завршницата на семинарот како прв дел од теренскиот практикум, беше посветена на примена на интернет апликацијата Blendspace, во наставата по географија. За постапките, креирањето на лекција во пократок временски период, размена, кодирање и контрола на примената на апликацијата кај учениците, опширно објаснување и прктично применување даде колешката Бети Трајковска, професор по географија во СУГС „Орце Николов“ – Скопје.
По завршување на семинарот, теренски практикум продолжи со прошетна и разглед на најзначајните културно-историски споменици на градот Кочани и акумулацијата Градче.
Теренскиот практикум и работната сабота, завршија со заедничко дружење во ресторанот на Хотел Еуро Градче, лоциран на падините на Осоговските планини, на самиот брег на вештачкото езеро Градче.
Покажаниот нтерес и задоволство од страна на сите учесници, претставува мотивирачки елемент за продолжување на овие активности на Здружението на професори по географија на Македонија „ПРОФ. Д-Р ЉУБЕ МИЛЕНКОВСКИ“ – Скопје“.