Денеска, во амфитеатарот на Универзитетот за туризам и менаџмент, се одржа Деветтата седница на Собранието на Здружението на професори по географија на Македонија „Проф. д-р Љубе Миленковски“ – Скопје.
Седницата се состоеше од свечен, статутарен и едукативен дел. Во преполниот амфитеатар, со над 140 учесници на Седницата, на присутните им посака добредојде и пригодно им се обрати претседателот на Здружението проф. д-р Аце Миленковски. Во обраќањето, тој им се заблагодари за долгогодишната соработка и поддршка на пратеничката м-р Бети С. Трајковска, поранешниот советник по географија г-дин Ивица Гиевски, како и на долгогодишниот соработник и личен пријател на патронот на Здружението, професорот Атанас Конески.
Во своето обраќањето, тој се осврна на денешните состојби во образованието и учебникарството, кои ги оцени како „какистратија“ (од грч. Кakós - лош, безвреден, неупотреблив), или како владеење на незнаењето и на неспособноста. Нагласувајќи дека учебникарството значи да се остави трајна вредност зад себе, тој ги оцени денешните учебници, особено тие содржини по географија, како полни со грешки и од материјална и од јазична и од техничка природа. Причините ги лоцираше во поставеноста на учебникарството кај нас како бизнис наместо да бидат висок приоритет на државните институции одговорни за образованието.
„Учебникарството треба да биде натпревар по знаење. Учебниците треба да ги пишуваат најстручните професионалци во областа, е не кој стигне“, истакна Миленковски, додавајќи дека тие се интегрален дел од образовниот процес, исто како и наставниот кадар.
„Да се биде учител е многу благородна работа. Денеска на учителите им е потребно обезбедување во училиштата. Тоа не било и не треба да е така. Авторитетот на учителот, стекнат со неговиот интегритет, коректен однос и знаење бил и треба да биде обезбедувањето во училиштата“, заклучи Миленковски.
Со свое инспиративно изложување за важноста интегрирањето на географијата во интередисциплинарен пристап заедно со другите научни дисциплини како што се политиката или економијата, на присутните им се обрати доц. д-р Благој Цонев од Универзитетот за туризам и Менаџмент. „Ние треба да создаваме генерации што кога ќе ги затворат очите ќе можат да го замислат светот како географска карта, зашто само таква генерација ќе знае како ќе изгледа светот во иднина и што треба да направи таа“, истакна професорот Цонев.
Доц. д-р Гојарт Камбери, пак, инспириран од прикажувањето на времето (непостојното, ирационалното) и просторот (постојното, материјалното, рационалното) како целина на старите географски карти, зборуваше за рационалното и за ирационалното во научниот пристап, истакнувајќи дека едното без другото не може да постои.
Во статутарниот дел на седницата, беа усвоени Извештајот за периодот 2018 – 2022 година и Програмата за работа за 2022/2023 година на Здружението, а беа и избрани членовите на Управниот и на Надзорниот одбор, додека со акламација беа изгласани новите потпретседатели и претседателот на ЗПГМ.
По одлука на Извршниот одбор, на Собранието златни плакети им беа доделени на проф. д-р Васил Граматниковски, за неговиот придонес во развојот на географијата како наука, како и на м-р Станка Арнаутова, за нејзиниот придонес во афирмација на Здружението.
„Без поддршката на Универзитетот за туризам и менаџмент, немаше да стигнеме дотука, од 20 члена што почнавме во 2014 година, да броиме над 400 денеска“, истакна Арнаутова во пригодното обраќање по повод врачувањето на Златната плакета.
По завршување на статутарниот дел, за присутните членови беше одржан и семинар на тема „Детектирање и превенција на врсничко насилство во училиште“ од страна на м-р Марија Конеска, психолог, психотерапевт во Центарот за развој, едукација и советување на деца и млади МАША Марија, по што членовите се стекнаа и со соодветни сертификати и го збогатија своето професионално портфолио.
Во вечерните часови и по завршувањето на работниот дел од саботно географско дружење, беше организирана географска вечер на која колегите го покажаа и својот дружељубив и весел географски дух.