СИЛНИ ВПЕЧАТОЦИ ОД УБАВИНИТЕ НА ПОРЕЧКИОТ РЕГИОН И СЕВЕРНИОТ ДЕЛ НА ПЕЛАГОНИСКАТА ОБЛАСТ
На 13.10.2019 година, дел од раководството на ЗПГМ „ПРОФ. Д-Р ЉУБЕ МИЛЕНКОВСКИ“ – Скопје, согласно програмата за работа и воспоствената пракса за одржување на состаноци надвор од просториите на здружението, воедно, реализираше посета на пештерата Пешна.
Пештерата Пешна се наоѓа во непосредна близина на Македонски Брод, а своето име го добила по името по сестрата на Крале Марко – Пешна. Пештерата претставува ремек дело на природата и со својата грандиозност и величествена убавина која остава без здив, претставува пештера со најголем отвор на Балканскиот Полуостров.
Покрај уживањето во убавините на пештерата, Девините кули, во прекрасниот пејсаж и разиграниот рељеф, членовите на групата имаа можност да го посетат и прекрасниот манастирскиот комплекс Трескавец, во чии што рамки се наоѓа црквата „Успение на Пресвета Богородица“, која датира уште од XIII век. На само 10 километри оддалеченост од градот Прилеп и на надморска височина од 1280 метри, Трескавец се издига високо над карпите и овозможува прекрасна глетка на околните планини Баба, Бабуна и Кајмакчалан, на рамнината Пелагонија, како и на градовите Прилеп, Битола и Крушево.
Работниот ден кој беше исполнет со размена на мислења, искуста и активности поврзани со наставата по географија, заврши со кафе пауза и разглед на градот Прилеп или познат како „градот под Марковите Кули“.
Во пријатна атмосфера и добро расположение, збогатени со скапоцена колекцијата на прекрасни фотографи и впечатоци, раководството на ЗПГМ „ПРОФ. Д-Р ЉУБЕ МИЛЕНКОВСКИ“ – Скопје, уште еднаш ја потврди својата определба за создавање на личен идентитет и препознатлив субјект на граѓанско делување во државата.