Во согласност со своите програмски определби, а со поддршка од Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје, Здружението на професори по географија на Македонија „ПРОФ. Д-Р ЉУБЕ МИЛЕНКОВСКИ – Скопје, по 4-ти пат реализира теренски практикум за своите членови.

Овој тридневен теренски практикум се изведе во Албанија и Косово, со посета на географски објекти, туристички атракции и културно-историски споменици од исклучително значење за светското културно наследство.
Членовите на здружението кои учествуваат во практикумот, првото утринско кафе го испија на брегот на Скадарско Езеро, а притоа од раскошната локација на тврдината Розафа имаа вистинско уживање со фасцинантни глетки кои ги полнат очите со убавина.
Сончевиот ден нудеше прекрасни услови за опуштено шетање и впивање на урбаните и природни убавини на градот Кроја – град во кој е роден големиот Скендер бег.
По посетата на Кроја, групата се упати кон Драч, каде имаше можност да се запознае со карактеристиките на големите пристанишни и урбани, а сепак познати градови од античкиот период.
На вториот ден од целното патување, групата го посети градот Берат, сместен во живописен предел, град кој плени со својата убавина и не случајно е на листата за прием во УНЕСКО. Посебно доживување беше искачувањето до тврдината од чии пазуви се отвора глетка како царство за очите на која не може да се остане рамнодушен. Овој ден заврши со организирање на географска вечер во необична форма, со што се одбележа роденденот на нашиот патрон, проф. д-р Љубе Миленковски.
На третиот ден од патувањето, во утринските часови и со плодната дискусија за време на предвидениот семинар, групата имаше можност да го долови животот на главниот град на Албанија – Тирана, по што со жалење што ова патување е на самиот крај, се упати кон Косово.
Иако во вечерните часови, посебен впечаток остави посетата на градот Призрен, каде членовите на групата уживаа во чистиот одраз на градот и смиреноста на водите на реката Бистрица.
Желбата за усовршување и извонредната смисла за хумор и позитивна мисла кои се препознатлив имиџ на секој географ, придонесе и овој теренскиот практикум да помине во пријатна атмосфера и расположение.
Уште еднаш се потврди дека активностите на ЗПГМ „ПРОФ. Д-Р ЉУБЕ МИЛЕНКОВСКИ“ – Скопје и УТМС Институтот за национална географија, се во функција на професионален развој, вистинска поддршка и афирмација на професијата-наставник по географија.