Долги години соочени со секаков вид на проблеми при изведување на наставата и воннаставните активности, а во отсуство на сериозен организиран пристап и поддршка, наставниците истите ги надминуваа со потешкотии, упатени сами на себе. Токму затоа, на иницијатива на група наставници по географија, во 2014 година, беше формирано Здружението на професори по географија на Македонија „ПРОФ. Д-Р ЉУБЕ МИЛЕНКОВСКИ’’ – Скопје.
За само 6 години од своето постоење, со својата транспарентност, одговорност и посветеност, ЗПГМ стана најрепрезентативно здружение, препознатлив субјект во граѓанското делување и јадро на обединување на професорите по географија.
ЗПГМ „ПРОФ. Д-Р ЉУБЕ МИЛЕНКОВСКИ’’ – Скопје, за мошне краток период, го врати достоинството и довербата кај географите и докажа дека со организиран пристап, можно е решавање на низа проблеми кои произлегуваат во текот на нивната работата.
Од многубројните активности може да се истакнат следниве: континуирано едуцирање на членовите преку организирање на семинари и обуки, збогатување на портфолијата на географите со нови содржини, сертификати и признанија, теренски наставно-научни екскурзии, активно учество на отворениот повик на МОН за детектирање на слабостите на наставните програми и учебници по географија на сите нивоа и значителен придонес во усвојување на новите програми, како и многу други активности за кои јавноста има можност да се запознае преку официјалната страна на здружението.
Во рамките на нашето здружение, покрај другите, делува Комисија за подготовка, организирање и реализирање на натпревари по географија за основно и средно образование.
Благодарение на истрајноста во спроведување на статутарните определби, целосно реализирање на програмските активности и сериозниот пристап на членовите на Комисијата, беа изготвени сите потребни материјали за аплицирање на Конкурсот за акредитација на здруженија на наставници за организирање натпревари за ученици од основните училишта, објавен од МОН.
Денес, горди сме што можеме да кажеме дека ЗПГМ „ПРОФ. Д-Р ЉУБЕ МИЛЕНКОВСКИ“ – Скопје, заслужено ја доби доверба за организирање на масовни и квалитетни натпревари по географија за основно образование во наредните три години, согласно критериумите предвидени со Правилниците на МОН и ЗПГМ.
Здружение на професори по географија на Македонија
„ПРОФ. Д-Р ЉУБЕ МИЛЕНКОВСКИ“ – Скопје
ПРЕТСЕДАТЕЛ
Проф. д-р Аце Миленковски