Колешката Сузана Ристеска го поведе свекрвиното оро со кое отпочна годинештата Галичка свадба

Со громогласен аплауз на 16.07.2016 година во Галичник, беше поздравено свекрвиното оро во рамки на 43-тата престижна манифестација Галичката свадба. Тоа и не би било ништо посебно и различно од предходните, доколку овој пат тоа оро не го поведеше нашата колешка Сузана Ристеска.

Сузана Ристеска е професор по географија во ОУ „Петар Поп Арсов“ во Скопје и воедно член на нашето здружение, Здружението на професори по географија на Македонија „ПРОФ. Д-Р ЉУБЕ МИЛЕНКОВСКИ“ – Скопје. Годинава нашата колешка го поведе свекрвиното оро со кое според вековните свадбарски обичаи и ритуали, започна петровденската манифестација Галичка свадба, со која се круниса бракот на нејзиниот син Александар Ристески и Сандра Станковиќ.
Со директно учество на оваа манифестација, нашите членови ја потврдуваат својата почит и негување на културните и традиционални вредности, особено оние кои се во корелација со недопрената природа и природните убавините на нашата држава. Впрочем, Галичник е токму такво место.
Галичник е село во западниот дел на Република Македонија расположено на падините на планината Бистра, во центарот на Мијачкиот регион.
Многумина Галичник го нарекуваат мијачкиот Мачу Пикчу, бидејќи со целата своја убавина и импресивен амбиент е место каде што традицијата и богатството на македонскиот дух се препознава и доживува преку уникатната галичка архитектура, богатото културно наследство и восхитувачките пејзажи по патот за селото и самото село. Селото се наоѓа на надморска височина од околу1450 метри и токму поради наведените културно-историски и природно-географски одлики, Галичник претставува туристичка атракција.

02  03 04  05