„Наставникот е најголемиот реформатор во воспитно-образовниот систем“ – заклучок од седницата на Извршниот одбор и членовите на највисоките тела на ЗПГМ „ПРОФ. Д-Р ЉУБЕ МИЛЕНКОВСКИ" – Скопје.
На 31.08.2021 година се одржа седница на Извршниот одбор и членовите на највисоките тела на ЗПГМ „ПРОФ. Д-Р ЉУБЕ МИЛЕНКОВСКИ" – Скопје, со цел приспособување на Програмата за работа на Здружението во услови на пандемијата, а се во согласност со препораките од надлежните институции.
И на оваа седница се потврди континуитетот на активности преку кои се реализираат зацртаните цели на нашето Здружение поврзани со успешно отпочнување на новата учебна година и реализирање на наставата по географија.
На седницата покрај членовите, присуствуваше и почесниот член на здружението, колегата Дејан Немчиќ кој е добитник на наградата најдобар учител по географија во светот (Global Teacher Award) за 2020 година.
Дејан е наставник по географија во Хрватска, кој на своите ученици им организира преноси во живо преку Skype од разни краишта на нашата планета, а ИТ- технологијата ја користи на најдобар можен начин за да на своите учениците им го направи учењето што позабавно. Воедно, тој е и носител и на хуманитарниот проект „Африка – можеме заедно“ преку кој им помага на најсиромашните деца во светот заедно со своите ученици.
Тој е еден од ретките овогодинешни добитници од овој дел на Европа, а наградата пристигнала како сатисфакција за повеќегодишната работа во образовниот систем и неговата пожртвуваност во реализирање на наставата по географија.
За време на тридневниот престој, покрај посетата на туристичко-рекреативните центри на град Скопје, нашиот гостин имаше можност да ги запознае и културните знаменитости на Охрид, благодарение на одличната презентација од страна на нашиот колега Делче Максимоски.
Покрај посетите на туристичките локалитети, по повод почетокот на новата учебна година, Дејан гостуваше во емисијата Македонија наутро - утринска програма на МТВ при што говореше за значењето и улогата на наставникот во наставата по географија, особено во аспект на современите трендови и услови за работа. Тој истакна дека нема поголем реформатор во образованието од самиот наставник во услови кога тие се оставени самите на себе.
Во рамки на неговиот престој тој се сретна со повеќе колеги ширум државата, а оствари средбаи и со неговата колешка Бети Стаменкоска-Трајкоска- пратеник во Собранието на Република Македонија. На средбата се разговараше за предизвиците, состојбите и условите во образованието како за учениците, така и за наставниот кадар, но и за целокупниот образовен процес во услови на светска здравствена криза предизвикана од КОВИД-19 пандемијата.
Притоа тие разменија мислења и искуства за актуелните состојби во образованието и образовниот процес со примери од Република Македонија и Република Хрватска. Исто така, се разговараше и за размена и пренесување на искуства и експертиза за подобрување на условите и отстранување на аномалиите кои се присутни во македонскиот образовен систем во овој момент.